Според ланецот на супермаркети Aldi, розевото вино е најдобро да се консумира на топла температура од 19,2 Целзиусови степени, а купувачите во англискиот град Манчестер добија можност да се почестат со чаша вино при овие „оптимални“ услови.
По повод Националниот ден на розевото вино – 10 јуни (ете имало и таков ден… :)), Aldi постави билборд што е чувствителен на температура, а од кој минувачите можеле да си наполнат бесплатна чаша розѐ. Иновативната надворешна реклама била создадена врз основа на повратни информации од анкета во која учествувале над 1.000 уживатели на вино.
„Поставувањето на првиот билборд во светот за точење на розѐ на одредена топла температура беше предизвик во Манчестер, кој е познат по дождот. Но, како центар на регионот кој сака розѐ повеќе од кој било друг во Обединетото Крластво, за среќа, сè испадна розево“ – посочува Џули Ешфилд, управна директорка за потрошувачка во Aldi UK.
Според истражувањето на супермаркетот, љубителите на розѐ рекле дека во просек пиеле по 63 чаши од пијалокот во текот на летото, со просечна цена од 11,34 фунти по шише. Идеално било да се консумира чаша од јужнофранцуски брендови во 17.18 часот попладне.
Над една третина (34%) од купувачите сакале да го спојат розевото вино со пржени компири, заедно со печено месо (16%), торта (13%), кари (10%) и многу повеќе прехрамбени опции. Секој трет дури го испробал виралниот предизвик на TikTok за „зачинето розѐ“ со додавање на лути халапењо пиперчиња во пијалокот.
Една точка на разединување помеѓу испитаниците било додавањето мраз во чаша со розѐ – 55% рекле дека е прифатливо да се направи тоа, додека останатите 45% се целосно против разредување на алкохолот со каква било форма на мраз.