Генералниот директор на технолошкиот гигант Мета, Марк Зукерберг, најави дека во четврток (6 јули) ќе биде лансирана нова апликација слична на Твитер.
Апликацијата ќе се вика Threads, а ќе биде достапна за симнување преку App Store и преку Play Store. Мета ја опишува новата платформа како „текстуална апликација за разговор“, а од понудените слики се гледа дека таа е слична на Твитер.
„Threads е место каде што заедниците се здружуваат за да разговараат за сè, од темите што ви се важни денес до она што ќе биде во тренд утре. Што и да ве интересира, можете директно да го следите или да се поврзете со вашите омилени креатори и други кои ги сакаат истите работи, или да изградите мрежа на свои лојални следбеници за да ги споделите вашите идеи, мислења и креативност со светот“ – објаснуваат од компанијата.
Се чини дека новата платформа ќе биде бесплатна и нема да има ограничување за тоа колку објави можат да бидат прегледани од корисникот. Притоа, апликацијата ќе складира податоци на вашиот телефон, вклучувајќи податоци за локација, купувања и историја на прелистување.
Врз основа на достапните слики од интерфејсот на апликацијата, се чини дека корисниците исто така ќе можат да се поврзат со својот профил на Инстаграм и да ги следат истите профили како на платформата за споделување фотографии. Тоа значи дека корисниците ќе имаат круг на луѓе со кои ќе се следат меѓусебно уште од самиот почеток, што би можело да се покаже како предност во однос на Твитер.