Брендот на спортска опрема Nike означи нова ера во развојот на својата женска колекција Nike Women со танцова изведба што ја слави женственоста. Кореографијата на танцот насловен “Goddess Awakened” („Разбудена божица“) била осмислена од Парис Гебел – танчерка, спортистка, уметничка и актерка од Нов Зеланд.
Премиерната изведба се одржала во Accor Arena во Париз, каде што 30 танчерки и спортистки се собрале за да ја покажат „колективната моќ на жената преку движење, стил и самоизразување“.
Настапот траел 40 минути, одбележувајќи го најновото поглавје на колекцијата Nike Women. Танцот се фокусирал на движења што ги истакнуваат различните типови на женското тело забележани во различни спортови, истакнувајќи ги предизвиците со кои се соочува една жена кога се обидува да се ослободи од општествените стеги и се обидува да го пронајде своето вистинско јас.
Во осмислувањето на танцот, Гебел се инспирирала од грчката крилата божица на победата Нике, по која е именуван брендот за спортска опрема. „Низ историјата, на жените им било кажувано како да постапуваат, што да кажат, како да се чувствуваат – нашата цел вечерва е да ги скршиме тие стеги и да дозволиме нашите гласови да се слушнат, нашите тела да бидат признаени и нашите крилја да летнат заедно“ – посочува Гебел.
Потпретседателката на глобалниот бренд менаџмент на Nike Women, Лиз Велдон, ја опиша динамичната танцова изведба како дело во кое „брендот е платформа за славење и зајакнување на женската креативност и самоизразување низ објективот на заедништвото“.
Како дел од кампањата ќе претстојат и повеќе соработки со жени-дизајнерки, вклучувајќи ги Мартина Роуз, Фенг Чен Ванг и Јун Ан.