Британскиот дизајнер Сер Џони Ајв, познат по својата работа за Apple во дизајнирањето на iPhone, iPod, AirPods и разни други уреди, го претстави своето прво хардверско дело откако си замина од технолошкиот гигант пред некоја година.
Се работи за специјално издание на грамофонот Sondek LP12 на британскиот бренд за аудио опрема Linn, чиј голем фан бил самиот Џони Ајв. Специјалниот грамофон LP12-50, дизајниран по повод 50-годишнината од лансирањето на првиот модел во неговата серија, ќе се продава во ограничена количина од 250 нумерирани примероци – и тоа по цена од дури 60.000 американски долари!
Ексклузивното парче ја задржува основната силуета на оригиналот, но ја „заокружува“ со повеќе заоблени агли кои се препознатлив белег за хардверските решенија на Ајв, односно уредите на Apple. Притоа, грамофонот ќе биде достапен во две бои: традиционално „природно дрво“ и во модернистичко-минималистичка бела боја.
Соработката помеѓу Џони Ајв и брендот Linn била остварена „про боно“. Всушност, самиот дизајнер бил нејзин иницијатор, затоа што тој поседувал и им се восхитувал на доволно производи од брендот Linn за да знае дека некако сака да биде вклучен во неговата историја.