За време на овогодишното издание на Cannes Lions, врвните креативни лидери од агенциските групации Publicis, WPP, Omnicom, IPG и Edelman ги здружија силите за да го претстават еден од најголемите брифови во историјата на индустријата, што ќе влијае врз животите на речиси четири милијарди луѓе ширум светот. Претставеното барање на компаниите гласеше: Да се создаде програма, искуство или кампања што ќе ѝ пркоси на културата и што може да ја избрише стигмата и несигурноста на заболените од рак на работното место.
Вчера, 10 јули, таканаречениот “The Big C brief” беше официјално отворен за апликации од целиот свет.
Брифот ја поканува целата индустрија и пошироко, како поединци или тимови во пар од една агенција или меѓу агенции, да осмислат кампања што ќе биде лансирана на следниот Меѓународен ден за подигнување на свеста за ракот (4 февруари 2024 година), како дел од глобален мултимедијален потфат поддржан со 100 милиони долари во медиски инвестиции.
Овозможено од системот за жирирање на Cannes Lions, пристигнатите апликации ќе бидат оценувани од високи креативни и стратегиски лидери од петте агенциски групации, вклучувајќи ги: Сузан Кредл (глобален претседател и генерален креативен директор на FCB), Чака Собхани (глобален генерален креативен директор на Leo Burnett), Луиз Санчес (генерален креативен директор на BBDO NA), Џуди Џон (глобален генерален креативен директор на Edelman) и Деби Вандевен (глобален генерален креативен директор на VMLY&R).
Крајниот рок за поднесување апликации е 15 септември 2023 година. Жирирањето ќе се одвива во текот на октомври, а победникот ќе биде објавен на крајот на тој месец. Победниците ќе добијат и делегатска карта за присуство на фестивалот Cannes Lions 2024.
Повеќе информации за брифот и начинот на пријавување се достапни на следниот ЛИНК.