Сопственикот на Tesla, SpaceX и Twitter, Елон Маск, ја претстави својата нова компанија за развој на вештачката интелигенција наречена xAI, која има за цел да ги „открие мистериите на универзумот“.
Маск и неговиот тим ќе споделат повеќе детали за овој нов потфат во разговор што ќе се одвива во живо на Twitter Spaces, закажан за денес (14 јули 2023 година).
Она што знаеме засега е дека луѓето кои ќе ја водат xAI можат да се пофалат со резимеа од компании како што се DeepMind, OpenAI, Google Research, Microsoft Research, Twitter и Tesla. Всушност, според CNBC, некои од нив имаат работено на значајни проекти како што се четботовите ChatGPT на OpenAI и AlphaCode на DeepMind.
Според Грег Јанг, еден од ко-основачите на xAI, новата компанија ќе работи на истражувања во областа на математиката за длабоко учење како клучен аспект на вештачката интелигенција. Тој објасни дека компанијата има за цел да развие сеопфатна „теорија за сè“ за големите невронски мрежи, кои би можеле да ја издигнат вештачката интелигенција до нови височини.
Исто така не треба да се исклучи можноста дека Маск ќе се обиде да ја позиционира xAI како потенцијален конкурент на водечките компании во областа на вештачката интелигенција како OpenAI, Google и Microsoft.
Соопштението на Маск за лансирањето на xAI доаѓа откако тој претходно изрази загриженост за потенцијалните деструктивни последици од вештачката интелигенција, потпишувајќи и заедничка петиција со други технолошки лидери за „пауза“ во понатамошниот развој на вештачката интелигенција.