Социјалната мрежа Твитер ја претстави својата програма за споделување приходи од реклами со креаторите на содржини кои имаат голема публика и придонесуваат кон платформата со привлекување на корисници. Тоа значи дека корисниците на платформата сега ќе можат да заработуваат преку реклами што се појавуваат под нивните објави, во секцијата наменета за „одговори“.
Лансирањето на оваа програма е нов чекор во тековните напори на Твитер да ги поддржи креаторите на содржини да заработат директно преку платформата. За да се квалификуваат за програмата, тие мора да бидат претплатници на Twitter Blue или Verified Organizations и да имаат собрано најмалку пет милиони импресии на објави во секој од последните три месеци. Дополнително, тие ќе бидат лично прегледани од човечки тим и ќе мора да се придржуваат до правилата за Creator Subscriptions на Твитер.
Плаќањето за квалификуваните корисници ќе биде олеснето преку сметка на онлајн платежниот сервис Stripe, а наскоро ќе се воведе процес за аплицирање. Од компанијата посочуваат дека на креаторите ретроактивно ќе им бидат исплатени средства и за содржините објавени од февруари наваму.
Со имплементирањето на оваа програма за споделување приходи од реклами, Твитер има за цел да ја зголеми својата привлечност за креаторите на содржини, особено во услови кога платформата се соочува со силна конкуренција.