Софтверската компанија за равој на веб-сајтови Wix претстави комплет на нови генеративни алатки базирани на вештачка интелигенција, со чија помош се поедноставува и забрзува процесот на градење веб-сајтови во само неколку минути.
Како прва и основа алатка, “AI Site Generator” има за цел да го насочи целиот процес така што од корисниците едноставно бара да ја опишат својата визија. Како одговор, алатката ќе генерира „професионална и уникатна веб-страница“ прилагодена на внеесениот опис.
Друга нова функција е алатката “AI Assistant Tool for Managing Your Business”, која користи аналитика во реално време и ги следи новите трендови за да предложи подобрувања и да создаде приспособливи стратегии за оптимизирање на вашето онлајн присуство.
Страницата може понатаму да се проширува со употреба на алатката “AI Page and Section Creator”, со чија помош се додаваат нови страници и секции врз основа на внесен опис.
Алатката “Object Eraser” им овозможува на корисниците да извлекуваат објекти од дадени фотографии и да ги употребуваат на веб-сајтот согласно своите замисли.
Алатките “AI Text Creator” и “AI Template Text Creator” обезбедуваат персонализирани опции за генерирање текстови за вашиот веб-сајт. Ако ви треба помош при изборот на име на домен, алатката “AI Domain Generator” може да ви помогне да ја решите таа дилема.
Во однос на дизајнот, алатките “Alternative Layouts”, “AI Image Creator”, “Auto Background Removal” и “Auto Enhance” нудат креативни опции за подигнување на целокупната естетика на креираниот веб-сајт. Дополнително, алатката “Auto-Generated Trailer” може да трансформира видео-фајлови во „трејлер“ со професионален изглед, фокусиран на вашиот бизнис.
За сајтовите кои ќе се занимаваат со е-трговија, Wix вклучува алатки како “Product Descriptions” и “Product Recommendations”, со цел да се оптимизира понудата на производи и да се подобри целокупното искуство за купување преку истакнување на производи за кои вештачката интелигенција смета дека потрошувачите би сакале да ги купат.
Од компанијата посочуваат дека допрва ќе следуваат и други алатки кои моментално се наоѓаат во развојна фаза.