Пчелите се незаменлива алка во светските синџири на снабдување, имајќи во предвид дека тие се најефективните опрашувачи на разните земјоделски култури, како на пример овоштарниците со јаболка. А, како би постоела алкохолна јаболковина (сајдер), ако не постојат јаболка?
Свесни за оваа нераскинлива врска помеѓу пчелите и основниот ресурс на своето производство, ирскиот бренд на јаболковина Magners ја отпочна кампањата “Gardens – Best Served With Magners”, со која што сака да помогне во зачувувањето на пчелните популации во Ирска и Обединетото Кралство.
Кампањата се реализира со помош на агенцијата за дигитален маркетинг Good-Loop, која опслужува реклами за брендови додека истовремено собира пари за добротворни цели и тоа преку уникатен формат на кампањи – слушај или гледај за да донираш.
Имено, секој пат кога некој ќе ја преслуша новата аудио реклама на Magners на стриминг платформата Spotify, исто така ќе слушне порака која му дава до знаење дека генерирале бесплатна донација за The Bee Friendly Trust – добротворна организација која работи на заштита на живеалиштата на пчелите и другите опрашувачи во Обединетото Кралство.
Кампањата ќе трае до 31 август, а од компанијата очекуваат да соберат околу 22.000 фунти за поддршка на пчелната популација на Британските острови.