Преспанскиот регион ја доби својата прва регистрирана винарија „Алесто“, основана од браќања Александар и Стојанче Димовски. Винаријата се наоѓа во селото Арвати, на западните падини на Баба Планина, со прекрасен поглед кон Преспанското Езеро и неговите неповторливи зајдисонца.
Идејата да се основа семејна винарија дошла од братот Александар и неговата голема љубов спрема виното. Покрај производството на квалитетно вино, нивната цел е воедно да се промовира и Преспанскиот регион преку вински туризам. Самото име на винаријата претставува кованица од почетните букви на имињата на двајцата браќа Александар и Стојанче (Але-Сто).
„Ние сме млади ентузијасти во светот на виното, со елан за напредок и промоција на Преспанскиот вински регион“ – истакнува Александар, кој натаму објаснува дека нивните насади се наоѓаат на надморска висина од 860 до 950 метри, а грозјето им зрее со помош на рефлексија на сончевите зраци од Преспанското Езеро всадено во дланките на двата национални паркови Пелистер и Галичица.
Иако своето официјално отворање го имаше пред само десетина дена, приказната за винаријата „Алесто“ започнала со нејзиното регистрирање во март 2022. Компанијата потоа добила неповратен грант со помош на кој обезбедила модерна опрема за современо производство на вино.
Капацитетот на винаријата изнесува 5000 литри на годишно ниво, а за првата година успеале да произведат една четвртина од вкупниот капацитет. Во производството се ангажирани повеќе членови на фамилијата, вклучувајќи и стручно лице – енолог кој се грижи за одржување на високите стандарди за производство на квалитетно вино.
„Тајната на нашите вина се крие во единственоста на Преспанскиот регион, каде што доминираат киселините и вкусот на виното поради самата надморска висина. Вината ги произведуваме само со помош на основните енелошки средства – квасец, ензим, винобран, бентонит… бидејќи сакаме да ја задржиме и истакниме автентичноста на самото грозје. Произведуваме од црвените вина Прокупец и Вранец, додека пак од белите сорти – Темјаника, а нашето розе го правиме од македонската автохтона сорта Станушина. За домашни потреби произведуваме ракија од грозје, слива, дуња. А оваа година имаме во план да направиме и ракија од јаболка“ – објаснува Александар.
Според него, компанијата моментално е фокусирана на градење локален бренд како место каде луѓето ќе можат да дојдат на посета, да вкусат и купат добро вино и да уживаат во прекрасната глетка. Следниот чекор би бил пласирање на производот во локалните ресторани, а за неколку години и низ Македонија.
„Пред сѐ сум благодарен за финансирањето на семејните винарии преку проектот кој го добивме. Се надевам дека ќе продолжи државата и македонските институции преку грантови да ни помага во делот со опрема и едукација. Имаме прекрасно поднебје за производство на врвни вина, тука би можела државата да ни помогни со извоз на вината и како Македонија да нѐ постави на светската винска карта. Според мене, клучно за развој на нашата винска сцена е едукацијата на луѓето преку вински салони, вински дегустации и поддршка на земјоделските стопанства, за да можат да го препознаат квалитетот на вредните раце на производителите. И за крај, да се зацврсти целата економија за ние луѓето да имаме поголема куповна моќ и непречено да уживаме во благодетите на оваа прекрасна земја“ – заклучува Александар.