Во постојана потрага по нови начини за проширување на креативните хоризонти, социјалната мрежа ТикТок воведува нов формат на содржини: текстуални објави. Овој нов додаток на платформата има за цел да им обезбеди на корисниците посветен простор за изразување на нивната писмена креативност.
Веќе некое време, креаторите на платформата поставуваат видеа направени од повеќе слики со текст или поставуваат цел параграф преку видео. Но, сега, новата функција им овозможува на корисниците подиректен пристап за прикачување текстуални објави.
Со цел креирање текстуална објава, корисникот најпрвин треба да пристапи до страницата “Camera”. Потоа ќе му бидат претставени три опции: фотографија, видео или текст. Според ТикТок, последната опција им овозможува на креаторите да ги споделуваат своите приказни, песни, рецепти и слично во 1.000 зборови или помалку.
Една од карактеристиките на текстуалните објави е можноста за нивно персонализирање. Слично како и другите видови содржини на ТикТок, корисниците ќе можат да додаваат звук во нивните креации, како и да ги украсуваат со „стикери“. Дополнително, различните бои на позадината им овозможуваат на „писателите“ да ги направат своите текстови привлечни и естетски пријатни.
Во текстуалните објави исто така се достапни опциите за означување други профили и за додавање хаштагови, што ќе им овозможи на корисниците да допрат до поширока публика.