Во најновото интервју од серијалот „Фриленс профили“ се запознаваме со Петар Тодоровски, кој што во светот на фриленсингот работи веќе пет и пол години. Неговата област на делување е заштитата на личните податоци како консултант, а со еден долгорочен клиент работи и на развој на продукти за усогласеност со GDPR и други закони од оваа област.
Тој истовремено е автор на freelancefrom.mk, веб-страна со прашања и одговори за правниот статус на фриленсерите во Македонија. Петар е исто така соосновач на Neubase, компанија која основа компании во САД со фокус на претприемачи од Југоисточна Европа.
Маркетинг365: Како ја започнавте Вашата фриленсинг кариера? Што Ве инспирираше да го следите овој пат и кои беа почетните чекори што ги презедовте за да се етаблирате како фриленсер?
Петар Тодоровски: Почнав во обид да заработам пари, а продолжив заради можноста да работам на интересни проекти, да заработувам од тоа и поради флексибилноста во работењето.
Кога почнував, на крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, тоа го гледав како можност за дополнителен приход, покрај платата. Успеав во првиот месец да најдам ангажман, а на почетокот воглавно пишував содржини за веб страници на адвокати или пребарував по закони за нив. Брзо ја заработив тогашната годишна плата и дадов отказ од работата која не ја сакав.
Во тоа време сѐ уште сметав дека фриленсингот е нешто привремено додека најдам подобра работа, но тогаш почнав да сфаќам колку повеќе ми годи начинот на работа на странците и флексибилноста на работното време и локацијата.
Ги испитував можностите да се задржам во ова и почнав да следам што е тоа што се бара на глобалниот пазар и што е она каде што би можел да дадам најмногу и да ми биде најинтересно. Со тек на време, како што градев релации со клиентите, почнав да добивам поинтересни проекти со продукти во “legal tech” индустријата и консултантски ангажмани во областа на заштитата на лични податоци.
Тоа е она што ме задржа во фриленс светот. Единствено вака можев да работам на забавни проекти со извонредни луѓе и со многу флексибилност во животот. Иако еден период бев вработен (во Македонија, на позиција која ми овозможи учење), цело време знаев дека ќе се вратам на фриленс работа.
Маркетинг365: Кои беа некои од главните пречки или предизвици на кои наидовте во раните фази на Вашата фриленсинг кариера? Како ги надминавте и какви поуки научивте од тие искуства? Дали има некоја посебна ситуација која ќе ја паметите засекогаш и од која сте научиле нешто особено важно?
Петар Тодоровски: На почетокот немав важни предизвици затоа што имав уникатен сет на вештини – право и способност да се објаснат законите со едноставен речник. Тоа ми донесе многу работа од самиот почеток, но не ми беше интересно да пишувам содржини и сакав да работам друго.
А кога почнав да добивам консултантска работа, сфатив колку ми пречи „мајндсетот“ стекнат во работата кај нас. На почетокот се плашев слободно да споделам некои идеи и мислења со странските клиенти затоа што не бев навикнат на довербата која ми ја укажуваа.
Потоа се случи една ситуација која целосно ми ја смени перцепцијата за себе. Еден од клиентите за кој работев повремено, данска компанија која имаше софтвер за усогласеност со GDPR, побара од мене да учествувам во преговорите со потенцијален голем клиент од САД кој требаше да донесе 7000 нови корисници од својата платформа.
Дискусиите со нивните адвокати беа предизвик и беа малку поголем залак отколку што мислев дека можам да голтнам. Повеќе пати бевме на видео повик со нив до 4 наутро по наше време, а во 7 станував за на работа (тогаш бев вработен). „Мечка страв, мене не страв“, успеавме да ги стекнеме за клиенти и тоа ја смени траекторијата на компанијата. Еве сум како работам со нив веќе скоро четири години. Ми укажаа доверба, ме фрлија во оган и сфатив дека тоа што сум го мислел за себе не било точно.
Сфатив и дека во ситуации кои се клучни за клиентот треба да се направи екстра напор за да му се помогне како да ти е некој близок. Тоа многу се цени затоа што странците воглавно не се навикнати на тоа.
Маркетинг365: Како фриленсер, градењето силна база на клиенти и одржувањето на постојан работен тек може да биде од клучно значење. Кои стратегии или пристапи ги имплементиравте за да привлечете клиенти и да воспоставите долгорочни работни односи?
Петар Тодоровски: Немам воспоставен систем за стекнување клиенти. Обично наоѓав клиенти на платформите како Upwork, што не е никаков систем. Повремено доаѓаат и клиенти по препорака од некој со кој сум работел или се знам, доаѓаат и од LinkedIn или други онлајн места каде што сум споделувал знаење, како freelancefrom.mk.
Извесна комоција ми дава и тоа што со дел од клиентите работам долгорочно, па не морам постојано да бркам нови. Ако на клиентот му покажете дека може да се потпре на вас, тој ќе остане на долг рок. Меѓутоа, ова носи ризик поради тоа што губењето на таков клиент од било која причина може да доведе до значителен пад на приходите.
Периодов работам на целосен премин од фриленс кон агенциски бизнис модел, а експериментирам и со други начини на придобивање клиенти. Но, рано е да коментирам за тоа што функционира, а што не.
Маркетинг365: Фриленсингот често бара разновиден сет на вештини и способност за прилагодување на различни проекти и клиенти. Како ги навигиравте барањата на различни проекти и ефикасно управувавте со Вашето време за да обезбедите квалитетни ангажмани и задоволни клиенти? Дали има некои алатки кои секојдневно ги користите и би ги препорачале на други?
Петар Тодоровски: Многу поедноставува работата со клиенти на долг рок затоа што знаеме како добро да комуницираме меѓу себе и што можеме да очекуваме едни со други. Тоа овозможува добро да се организирам и со оптимален „инпут“ да извадам максимален „аутпут“. Така заштедувам на време кое го вложувам во надградување, комуникација со потенцијални клиенти и експериментирање со свои проекти.
Исто така, се трудам на почетокот јасно и во детали да го дефинирам обемот на работа, целите кои клиентот сака да ги постигне со проектот, мојата улога во сето тоа итн, за да знам што треба да испорачам. Сакам да бидам сигурен дека кога зборуваме за крајниот „аутпут“ и јас и клиентот мислиме на едно исто.
Од алатките, секојдневно користам само Google Docs, ChatGPT, Grammarly и бази на закони и GDPR одлуки. За правници би ја препорачал ClauseBuddy, извонредна AI алатка за генерирање на договори, неколку класи над сѐ друго што се наоѓа по интернет.
Маркетинг365: Фриленсингот може да биде наградувачка, но понекогаш и непредвидлива кариера. Каков совет или поуки (за себепромоција, градење на личен бренд, финансиски менаџмент или вмрежување) би им дале на оние фриленсери кои штотуку почнуваат, врз основа на Вашите сопствени искуства и научени лекции?
Петар Тодоровски: За ова би можел да зборувам со денови, но за да бидам краток изборот ќе го стеснам на две работи:
– Да не мислат дека им следува било што ако завршиле одреден факултет и имале не знам какви високи оценки. Факултетот бара докажување на факултет, пазарот бара докажување на пазарот. Сум сретнал доста луѓе кои го сфаќаат ова и добро им оди, сум сретнал и доста луѓе кои веруваат дека некој нешто им должи и дека се обесправени што „немаат добра работа или не ги плаќаат како што заслужуваат“. Никој ништо не ви должи.
– Ако не можат да бидат најдобри во својата област, што е екстремно тешко, тогаш нека бидат добри во две или повеќе области. Не сум најдобриот правник на светот, но разбирам како функционираат софтверите, основите на онлајн маркетинг и продажба, знам и законите да ги објаснам со едноставен речник како на дете. Тоа веќе ме прави редок профил. Кога баш таков профил е потребен некому, конкуренцијата е мала, а можам да донесам повеќе вредност во споредба со доктори по правни науки. Career Advice од Скот Адамс е краток есеј и задолжително четиво на темата.
Исто така, оние кои сакаат да почнат со фриленсинг нека ги разгледаат Фејсбук групите за фриленс работа. Македонската фриленс заедница си помага меѓу себе. Таму ќе најдат многу совети и поддршка во работата.
****************
Серијалот интервјуа „Фриленс профили“ се реализира во соработка со Импакт Фондацијата.
Импакт Фондацијата ја спроведе пилот интервенција во Македонија за развој на екосистемот на фриленсинг и самовработување преку создавање на можности за фриленс за жените и младите луѓе, како и на другите маргинализирани групи. Фокусот на пилот интервенцијата беше подобрување на вештините на целните групи за да се овозможи ефективно да се ангажираат на дигиталните платформи, поддршка на бизнис модели за приватниот сектор и подигање на јавната свеста за фриленсингот и создавање позитивна даночна и правна средина за фриленсерите. Импакт Фондација е фондација за развој на приватниот сектор за континуирана промоција на одржливиот развој, како и социјалниот просперитет преку методологија на инклузивен и партиципативен пристап на јавни, приватни и граѓански иницијативи на локално и регионално ниво на Балканот.