Социјалната мрежа X, до пред некое време позната како Твитер, го најави воведувањето на таканаречени „поставки за чувствителност“ (Sensitivity Settings) што ќе им овозможат на огласувачите да ги усогласат пораките на нивниот бренд со содржината на платформата што ги задоволува нивните специфични потреби за чувствителност.
Достапни во наредните недели преку X Ads Manager, „поставките за чувствителност“ претставуваат автоматизирано решение кое ќе им помогне на брендовите да го воспостават вистинскиот баланс помеѓу досегот до публиката и соодветноста на содржините кога станува збор за пласирање реклами на платформата.
„Поставките за чувствителност“ ќе користат машинско учење кое ќе препознава дали некои содржини објавени на платформата се соодветни за пласирање на дадена реклама, и тоа во согласност со различни нивоа на толеранција т.е. чувствителност. Тоа значи дека брендовите ќе можат да ја изберат нивната претпочитана дигитална средина што најдобро одговара на специфичните цели на кампањата.
Според најавите, засега ќе бидат достапни три нивоа на „чувствителност“ кои нудат различен степен на филтрација на содржините, и тоа: „конзервативно“, „стандардно“ и „опуштено“ ниво.
Таканареченото „конзервативно“ ниво е наменето за брендовите со најстроги ограничувања, кои што не сакат нивните реклами да се појавуваат во контекст на „таргетиран говор на омраза, сексуални содржини, грозоморни содржини, прекумерни вулгарности, непристојност, спам и дрога“.
Следното „стандардно“ ниво е за брендовите со умерено ниво на толеранција кои не сакаат нивните реклами да се појавуваат во контекст на „таргетиран говор на омраза, експлицитни сексуални содржини, грозоморни содржини и прекумерни вулгарности“.
Последното, „опуштено“ ниво на толеранција е, како што кажува и самото име, најопуштено, филтрирајќи само „таргетиран говор на омраза и експлицитни сексуални содржини“.