Американската новинска агенција Associated Press (АП) издаде упатства за користење на вештачката интелигенција, одредувајќи дека алатката не може да се користи за создавање содржини и слики кои се спремни за објавување преку нивниот новински сервис, иако истовремено ги охрабрува своите новинари да се запознаат со технологијата.
„Централната улога на новинарот на АП – собирање, оценување и подредување на факти во новински стории, видео, фотографија и аудио за нашите членови и клиенти – нема да се промени“, нагласува Аманда Берет, потпретседателка за стандарди и инклузија во новинската агенцијата, додавајќи дека тие не ја гледаат вештачката интелигенција како замена за новинарите на кој било начин.
Истакнувајќи ги постојните недостатоци на генеративната вештачка интелигенција, како што е нејзината тенденција да халуцинира факти, потенцијално да ги прекршува авторските права и ризиците околу дезинформациите, Берет ги повикува новинарите и уредниците да преземат соодветна одговорност за нивната репортажа и да обезбедат „точност и правичност на информациите што ги споделуваат“.
Содржините создадени преку генеративни алатки со вештачка интелигенција треба секогаш да се третираат како „непроверен изворен материјал“, што значи дека персоналот на АП треба да ја изврши потребната проверка на фактите и да ги поткрепи напишаните пасуси со вистински извори.
Во однос на користењето на генеративна вештачка интелигенција за создавањето на илустративен материјал, агенцијата наведува дека тие нема да менуваат никакви елементи на фотографии, видеа и аудио содржини со користењето на овие алатки. Исто така, ќе се воздржат од пренесување на какви било слики генерирани со вештачка интелигенција за кои постои сомневање или е докажано дека се лажни прикази на реалноста, освен ако тие илустрации не се централни за приказната, во кој случај тие ќе бидат придружени со натпис што укажува на нивното синтетичко потекло.
„Новинарите треба да ја покажат истата претпазливост и скептицизам како вообичаено, вклучително и обидот да го идентификуваат изворот на оригиналната содржина, да направат обратно пребарување на слики за да се потврди потеклото на сликата и да се проверат извештаите со слична содржина од доверливи медиуми“, забележува Берет, додавајќи дека уредничкиот персонал кој има и воопшто малку сомнеж за материјалот достапен при рака, не треба воопшто да го користи.
И покрај сето ова, АП не ја затвора целосно вратата за генеративните алатки со вештачка интелигенција. Преку своето партнерство со OpenAI, агенцијата лиценцирано ги отстапи своите стари вести на платформата за вештачка интелигенција со цел обука на нивните генеративни модели, како што е ChatGPT, и тоа со цел тие да научат да ги „надминат лажните невистини“.
Пред само неколку денови, пак, американскиот дневен весник The New York Times ја забрани употребата на нивни содржини за обука на системи за машинско учење или вештачка интелигенција без претходна писмена согласност.