Можноста за блокирање на страници и профили кои не ни се допаѓаат е една од основните функционалноста на кои сме навикнати на социјалните мрежи. Меѓутоа, сопственикот на Твитер, Елон Маск, најави дека оваа функција наскоро ќе биде остранета од неговата платформа.
Според најавите, корисниците нема да можат да ограничуваат други корисници да ги гледаат или да ги коментираат нивните објави, но сѐ уште ќе можат да ограничуваат кој сѐ може да им пишува во приватни пораки. Исто така, корисниците ќе продолжат да имаат пристап до функцијата “Mute” со која ќе можат да ги сокријат оние страници и профили чии објави не сакаат да ги гледаат.
Како и за секоја новост поврзана со Твитер, мислењата и ставовите по однос на „блокирањето“ се поделени. Според едни, остранувањето на оваа функција ќе доведе до зголемување на вербалните злоупотреби и малтретирање, како и до поголемо ширење на дезинформациите на платформата. Според другото гледиште, отстранувањето на функцијата за блокирање ќе допринесе кон поголема слобода на говор на платформата, бидејќи никој нема право да ги ограничува туѓите мислења во јавната сфера.
Што се однесува до огласувањето, според CNBC, корисниците на Твитер веќе долго време ја користат функцијата за „блокирање“ со цел да избегнат да гледаат реклами, односно за да „бојкотираат“ брендови или промотери кои не им се допаѓаат.
Block is going to be deleted as a “feature”, except for DMs
— Elon Musk (@elonmusk) August 18, 2023