Со цел да се подигне свеста за потребата од демократизација на алтернативните извори на енергија, францускиот снабдувач на фотоволтаични панели Solarbox ја лансираше хумористичната кампања “Put the Sun to Work” („Стави го сонцето да работи“).
Секој човек во Франција е запознат со фактот дека кралот Луј XIV сакал да го нарекуваат „Кралот-Сонце“. Па така, за да ја пренесе пораката на својата кампања, компанијата реши да го воскресне одамна починатиот крал и да го „стави да работи“.
Имено, кампањата се состои од неколку хумористични спотови кои прикажуваат различни ситуации во кои што луѓето имаат потреба од сончева енергија за извршување на различни активности. Тогаш го повикуваат кралот кој доаѓа со неговата свита, се качува на статичен велосипед и почнува да ги движи педалите и да произведува електрична енергија. Всушност, ликот на „Кралот-Сонце“ служи како метафора за вистинското сонце кое произведува електрична енергија преку соларни панели.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција Fred & Farid Los Angeles.