Технолошкиот гигант Google го претстави обновеното лого за оперативниот систем Android, во исчекување на лансирањето на новата верзија Android 14.
Првите суптилни промени во брендирањето беа забележани уште во јуни, кога логото беше поедноставено со цел да се подобри читливоста. Но, еволуцијата на идентитетот на брендот отиде подалеку од само естетиката. Имено, брендот си постави за цел да ја поедностави својата конвенција за именување на новите изданија, правејќи ја на тој начин полесна за употреба од страна на корисниците.
Популарната бубачка-робот на Андроид не го избегна новиот бран на ребрендирање, добивајќи дополнително ниво на длабочина и карактер. Редизајнот треба да осигура дека „баг-дроидот“ ќе може без голем напор да се адаптира и да преминува помеѓу дигиталниот и физичкиот свет.
Google исто така ја менува типографијата на својот мобилен оперативен систем, кој сега официјално ќе се пишува „Android“ со голема буква „А“, што претставува отстапување од претходниот стил со мали букви.
Според Google, постојано променливата и динамична заедница на програмери и корисници на оперативниот систем исто така ги инспирирала промените, а редизајнот е начин брендот визуелно да го прикаже својот „суштински етос да се биде отворен, прилагодлив и инклузивен”.
Новото лого и бренд идентитет постепено ќе бидат имплементирани до крајот на оваа година.