Водечките регионални креативци со презентација под наслов „BalCannes #MosaicOfCreativity: Владее ли креативен неред во регионот?“ ќе ја окупираат сцената на Weekend Media Festival за да понудат корисни сознанија, но и да покажат како и зошто го заслужиле признанието на натпреварот BalCannes!
Креативноста никогаш не спие и е во постојано движење. Токму затоа ни е потребен преглед на состојбата на креативната индустрија во регионот, за што се погрижија организаторите на BalCannes, најважниот регионален креативен натпревар кој обединува мали и големи агенции од пет земји во регионот и кој во заедничка мисија со Weekend Media Festival во петок, на 22 септември од 17:30 часот во Ровињ, ќе понуди интересни перспективи на водечките регионални креативци.
Дури и птиците на дрвјата веќе знаат дека Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија се посебни и единствени на свој начин, но ова е совршена можност да дознаете зошто – од претставници на агенции кои покажаа дека тие „пливаат“ одлично во креативните води и успеаја да го импресионираат жирито освојувајќи ја титулата најдобра агенција во нивната земја на креативниот регионален натпревар BalCannes.
Презентацијата „BalCannes #MosaicOfCreativity: Владее ли креативен неред во регионот?“ ќе биде модерирана од Ида Престер, а неа ќе ѝ се придружат Весна Бегановиќ (Via Media, Босна и Херцеговина), Давор Брукета (Bruketa&Žinić&Grey, Хрватска), Александра Дилевска (Publicis, Македонија), Марко Вичич (Futura DDB, Словенија) и Наташа Митровиќ (Why Not, Србија). За учесниците на Weekend, тие ќе одржат серија од 10-минутни презентации за состојбата на креативноста во секоја земја-учесничка на натпреварот, а целта е да се понуди преглед на клучните трендови, предизвиците со кои тие се соочуваат и како се справуваат со нив.
Доколку сакате да го дознаете одговорот на прашањата дали во регионот владее креативен хаос, дали сите се бориме со ветерници и кој е најдобар во таа борба – се гледаме во фестивалската сала на Weekend!
За потсетување, натпреварот BalCannes продолжува да ги развива и собира најквалитетните проекти во регионот, а следното издание ќе го вклучи и Стручниот совет на BalCannes – советодавно тело кое ќе дејствува во фазата на планирање и организација на натпреварот. Негова примарна задача ќе биде да учествува во заедничка работа за подобрување и усогласување на натпреварот со потребите на индустријата и пазарите во земјите-учеснички.
А како подготовка за сѐ што нѐ очекува во претстојната креативна сезона, на линкот можете да го најдете BalCannes Report, кој вклучува серија регионални рангирања со податоци за најдобрите проекти, огласувачи и агенции во регионот, но и во рамките на натпреварувачките земји.