Паузирајќи од промоцијата на своите хамбургери и помфрит, брендот за брза храна McDonald’s лансираше нова принт кампања на пазарот во Малта со цел да ја подигне јавната свест за несовесното фрлање на отпадоци.
Кампањата се состои од повеќе визуелни креативни во кои пакувања од разни производи на McDonald’s се наоѓаат фрлени во домашен амбиент. На тој начин, брендот ги нагласува двојните стандарди кај потрошувачите кои ревносно се трудат да ги одржуваат своите домови чисти и уредни, но од друга страна продолжуваат да ги фрлаат отпадоците од храна на улица.
„Како што не би фрлиле искористена чаша во нашиот домашен аквариум, ние исто така треба да покажеме почит кон природата – бидејќи и таа е наш дом!“ – нагласуваат од креативната агенција TBWA\ANG, која стои позади кампањата. Принтовите се создадени во соработка со фотографот Стивен Галеа.
Со оваа кампања, брендот за брза храна истовремено сака да ги промовира своите заложби и активности во Малта за поттикнување на сортирањето отпад и неговото рециклирање.