Глобалната медиска агенција Assembly го објави својот нов извештај за состојбата на политичкото огласување во Соединетите Американски Држави, претставувајќи ги своите проценки за следната изборна година.
Според Assembly, политичкото огласување во 2024 година ќе достигне рекордни 12 милијарди долари. Од нив, 3 милијарди долари ќе бидат потрошени за претседателската трка, додека пак останатите 9 милијарди долари ќе бидат вложени во изборите за Сенатот, Претставничкиот дом, гувернерските позиции и други локални избори во сојузните држави.
Очекувањата се дека најголем удел од ивестициите за политичко огласување ќе бидат вложени во сојузните држави Невада, Аризона и Пенсилванија, односно градовите Лас Вегас, Рено и Филаделфија. Причината за тоа е што овие места се речиси еднакво поделени според политичко убедување, па партиите ги очекува тешка борба за победа.
„Во 2024 година, потрошувачите се гласачи, а гласачите се потрошувачи. Во изборен циклус без преседан, комерцијалните огласувачи нема да можат целосно да се сокријат од политиката и мора да бидат добро подготвени да одговорат на исклучителната количина политички инвестиции и содржини што ќе ги преплават вестите. Овој извештај претставува одличен ресурс и за политичарите и за комерцијалните огласувачи“ – објаснува Валери Дејвис, извршна директорка на Assembly за Северна Америка.
Целосниот извештај за состојбата на политичкото огласување во САД е достапен за симнување на следниот линк.