Еден од најмоќните сопственици на медиуми во САД, Руперт Мурдок, најави повлекување од претседателските функции во неговите компании Fox Corporation и News Corporation.
„Во текот на целиот мој професионален живот, секојдневно се занимавам со вести и идеи и тоа нема да се промени. Но, сега е вистинското време за мене да преземам различни улоги, знаејќи дека имаме навистина талентирани тимови“ – напиша 92-годишниот Мурдок во меморандум до вработените.
Нејпознатите медиумски брендови под капата на неговите компании се телевизиите Fox News, Fox Business и Fox Sports, како и бизнис-ориентираниот дневен весник The Wall Street Journal и таблиодот New York Post. До 2018 година, тој беше сопственик на телевизискиот конгломерат Sky, а до 2019 година – и на филмското студио 21st Century Fox.
Пензионирањето на Руперт Мурдок доаѓа во клучен момент во медиумската индустрија, кога традиционалните телевизиски и филмски компании се соочуваат со предизвикот на променливите навики на гледачите кои што во сѐ поголем број се ориентираат кон стриминг платформите и другите дигитални извори на вести и медиумски содржини.
Неговите функции ќе ги наследи синот Лахлан Мурдок, кој досега беше извршен директор на Fox Corporation.