Google веќе долго време се обидува да го натера својот конкурент Apple да го усвои протоколот за пораки Rich Communication Services (RCS), кој што треба да помогне во надминување на проблемите кои се појавуваат при испраќањето пораки помеѓу корисниците на уреди со нивните соодветни оперативни системи – Android и iOS.
Меѓутоа, Apple одбива да отстапи. На поставено прашање во септември минатата година, извршниот директор на компанијата Тим Кук рече дека овој потег „не е приоритет“ за нив и дека оние што имаат проблеми со пораки од Android треба само да им купат на своите пријатели iPhone.
Според Google, тврдоглавоста на Apple се одразува негативно врз искуството на корисниците, па прoизводителот на Android е одлучен да продолжи со своите напори да го убеди конкурентот да ја напушти „застарената технологија за размена на пораки“.
Ви таа насока оди и најновото продолжение на кампањата „Get The Message“ („Добијте ја пораката“), со која Google го „пецка“ својот конкурент. Се работи за сатиричен видеоспот замислен како реклама на Apple за „новиот“ iPager – уред кој нè враќа децении наназад, но според Google го илустрира заостатокот на нивниот конкурент во технологијата за размена на пораки.
„iPager не е реален, но проблемите што Apple ги предизвикува со користење на СМС се. Да го направиме испраќањето пораки подобро за сите и да му помогнеме на Apple да ја добие пораката и да се надгради на RCS“ – се истакнува во видеоспотот на Google Android.