Британскиот дневен весник The Guardian ја промовира својата уредувачка независност во нова кампања насловена “Not For Sale” („Не сме на продажба“), со акцент на својот уникатен модел на сопственост.
Централниот спот на кампањата илсустрира како луѓето ширум светот го восприемаат весникот. Реакциите се движат од страв до љубов, од омраза до доверба, но на крајот, публикацијата тврди дека тоа „никогаш не е контролирано“. Покрај спотот, истата порака се провлекува и во новите надворешни и принт реклами на новинскиот бренд.
Кампањата доаѓа во време кога Гардијан започнува со нова тригодишна стратегија да стане поглобален и подигитален медиумски бренд, а секако и да привлече поголем број на претплатници кои и понатаму ќе ја осигуруваат неговата независност. Во таа насока, кампањата коинцидира и со лансирањето на новото европско издание на Гардијан, приспособено за читателите на континентот.
„Во текот на последната деценија значително го зголемивме глобалниот досег, читателите и приходите на Гардијан, сега привлекувајќи повеќе од 1 милион поддржувачи кои плаќаат секој месец. Читателите ни велат дека го поддржуваат Гардијан затоа што веруваат, како и ние, во робусни независни медиуми кои се отворени за сите, финансирани од многумина и никому не им се должни“ – нагласува Ана Бејтсон, извршна директорка на Guardian News & Media.