Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, претстави низа нови искуства развиени со помош на вештачката интелигенција. Овие алатки, претставени на неодамнешниот настан Connect, се дизајнирани да ги подобрат врските со корисниците и да ја ослободат креативноста, ветувајќи дека ќе го трансформираат начинот на кој корисниците се поврзуваат со технологијата и едни со други.
На прво место од новопретставените алатки се наоѓа новиот дигитален асистент – Meta AI. Се работи за четбот со вештачка интелигенција, од кого корисниците во реално време можат да добиваат одговори на различни прашање и помош во генерирањето на креативни содржини.
На пример, четботот може да дава предлози за значајни знаменитости кои што треба да се посетат во некој град, или да помогне во креирањето на визуелни содржини според претходно внесен текстуален опис.
Овој асистент ќе биде достапен на платформите за размена пораки како WhatsApp, Messenger и Instagram.
Оние кои бараат генеративни начини за подобрување на сликите на Инстаграм нема да бидат разочарани со две нови алатки.
Првата, наречена „Restyle“, ќе им овозможи на корисниците да ги реинтерпретираат своите слики во различни визуелни стилови преку едноставен текстуален опис на она што го имаат замислено. Со втората алатка, наречена „Backdrop“, може да се менува позадината на сликата исто така врз основа на текстуален опис.
Со цел да се одржи транспарентноста, сликите изменети со користење на овие функции ќе имаат ознака која ја известува публиката дека во нивното создавање била вклучена вештачка интелигенција.
Со цел да се обезбедат уникатни и забавни интеракции за корисниците во метаверзумот, компанијата престави и 28 специјални четботови кои одразуваат различни карактери генерирани со вештачка интелигенција, а со кои корисниците ќе може да разговараат во WhatsApp, Messenger и Instagram.
Овие дигитални аватари, дизајнирани да се чинат како вистински личности, се базирани односно создадени со помош на повеќе познати личности од областа на културата, спортот и онлајн инфлуенсери. Меѓу нив се наоѓаат имиња како Снуп Дог, Парис Хилтон, Том Брејди, Наоми Осака, Кендал Џенер, Мистер Бист и други.
За крај, Meta овозможи генерирање на уникатни „стикери“ од текстуални описи, со цел корисниците да можат подобро да ги изразат своите чувства преку употребата на уникатни и висококвалитетни симболи создадени во само неколку секунди.
Повеќе за новите алатки со вештачка интелигенција на Мета можете да прочитате во официјалниот блог-пост на следниот линк.