Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions и организацијата LIONS го објавија Креативниот извештај за 2023 година, како врвен глобален репер за влијателната креативност. Извештајот содржи рангирање на компании, трендови и теми согласно победничките кампањи, како и увиди, анализи и интервјуа со членови на жирито на Cannes Lions и креативци кои освоија „лавови“ на овогодишното издание на фестивалот.
Apple за прв пат го зазеде првото место во рангирањето за “Креативен бренд на годината“ откако освои три Grand Prix награди и 26 дополнителни „лавови“, што е нивен најголем број досега. Потпретседателот за маркетинг комуникации на Apple, Тор Михрен, изјави: „Apple отсекогаш верувал дека креативните луѓе со страст можат да го променат светот на подобро. Имам доволно среќа да бидам опкружен со такви луѓе секој ден и сум воодушевен од идеите што тие ги сонуваат во нашата потрага да го направиме Apple најкреативно инспиративната компанија во светот“. Извештајот содржи три страници во секцијата „Back to Brand“ посветени на освоените награди на Apple и нивната ефикасна стратегија за демонстрирање на карактеристиките на производите во нивните креативни кампањи.
За прв пат во Топ 10 листата на најкреативни брендови се најдоа и Heinz, Microsoft, како и уругвајската мултинационална услуга за онлајн испорака на храна PedidosYa.
На агенциската мрежа GUT ѝ беше доделена наградата за „Независна агенциска мрежа на годината“, а нејзината канцеларија во Буенос Аирес ја доби титулата за „Агенција на годината“ и за „Независна агенција на годината“. По импресивна серија на победи на фестивалот Cannes Lions, GUT објави дека нејзиниот профит се удвоил, демонстрирајќи ја моќта на креативноста која освојува „лавови“. Креативниот претседател и ко-основач на GUT, Анселмо Рамос, посочи: „Се надеваме дека ќе можеме да ги инспирираме сите независни агенции да сонуваат за големи работи. Поставете ја амбицијата високо, знајте за што се залагате и работете со најдобриот талент што можете“.
Титулата за „Агенциска мрежа на годината“ ја освои DDB Worldwide. По тој повод, нивниот глобален извршен директор, Марти О’Халоран, рече: „Вистинските пионери кои даваат приоритет на креативноста и ја претвораат во најмоќната сила во бизнисот ќе го предводат патот кон правење разлика во светот“.
Креативниот извештај на LIONS, исто така, содржи седум награди за „Регионална мрежа на годината“ и 12 глобални награди, вклучително и за најдобра креативна компанија, агенциска мрежа, агенција, независна агенциска мрежа, независна агенција, креативен бренд и Златна палма за најдобро продукциско студио, како и награда за најдобра агенција и агенциска мрежа од областа на здравствената заштита, за најдобра медиска мрежа, агенција и независна агенција на годината по натпреварувачка секција.
Извештајот вклучува и анализи и увиди за победничките кампањи и лекции од најефективните брендови. Во извештајот се разгледуваат пет трендови и теми: „Назад кон брендот“, „Насочете се кон раст“, „Кеативност што заедницата ја става на прво место“, „Ресетирање со вештачка интелигенција“ и „Зграпчете ја иднината“.
„Рангирањата, темите, трендовите и увидите идентификувани во овој извештај ќе ја поттикнат нашата индустрија. Креативноста има моќ да ги натера компаниите ширум светот да растат, а LIONS се залага за креативна извонредност и ефективност веќе 70 години. Оваа 2023 година не беше исклучок. Во категоријата Titanium Lions, која ја слави креативноста што ги менува парадигмите, четирите наградени победници дојдоа од Кина, САД, Австралија и Полска. Меѓу освојувачите на „лавови“ првпат видовме и победници од Нигерија и Ерменија“ – заклучува Сајмон Кук, извршен директор на LIONS.
Креативниот извештај на LIONS е достапен за бесплатно преземање на следниот ЛИНК.