Брендот на мебел ИКЕА се оддалечува од промовирањето нови производи на својот традиционален, инспиративен начин, со лансирањето на новата кампања за норвешкиот пазар насловена “Life is Not an IKEA Catalog” („Животот не е каталог на Икеа“).
Наместо тоа, гледачите се соочуваат со спотови во кои луѓето повраќаат, а домашните миленици мочаат, врз мебелот на ИКЕА. Дополнително, се адресира и проблемот на општиот неред кој настанува како резултат на домашните забави што ги организираат тинејџерите кога нивните родители не се тука.
Всушност, пораката на кампањата е дека производите на ИКЕА се дизајнирани да ги издржат сите големи и мали животни предизвици.
„Производите на ИКЕА се направени за да ви овозможат да се справите со секојдневието, затоа што веруваме дека и мебелот и вашиот дом се наменети за употреба. Секако, малку е грубо да се гледаат нашите производи на ТВ покриени со повраќаница и кучешка мочка. Но, животот не е секогаш пријатен и уреден, па мислиме дека е одлично што кампањата може да го одрази токму тоа“ – објаснува Аника Морх Асте, директорка за пазарни комуникации во ИКЕА Норвешка.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Try и продукциската куќа Pravda.