Американскиот бренд за дигитална безбедност Aura лансираше нова кампања насловена „What Are the Odds?“ („Кои се шансите?“) која има за цел да ги едуцира потрошувачите за ризикот од онлајн криминал, користејќи нова, шокантна статистика: шансите да станете жртва на онлајн криминал во САД се 1 спрема 41.
Главна ѕвезда на кампањата е холивудскиот актер Роберт Дауни Џуниор, кој што на хумористичен начин објаснува дека е далеку пореално да се биде жртва на онлајн криминал отколку да се најдете во некои други ситуации кои се етаблирале како инстинктивни стравови, а сепак се помалку веројатни – како на пример да се биде во авионска несреќа или рутинска операција.
Како дел од кампањата, Aura лансира нов безбедносен ресурсен центар за сите Американци – достапен бесплатно преку веб-сајтот Aura.com – кој што на посетителите ќе им обезбеди помош и инструкции во решавањето на случаи на онлајн криминал. Покрај инструктивните текстови и директориуми до достапните веб-ресурси, Aura ќе лансира и четбот со вештачка интелигенција кој на корисниците ќе им обезбеди персонализирана поддршка со цел справување со дигиталниот криминал. Дополнително, компанијата ќе овозможи и бесплатни состаноци со својот високо искусен тим за оние кои не се членови, но им треба поголема практична помош.
„Шансите [да се биде жртва на сајбер криминал] се толку големи, што е сосемa јасно дека на луѓето им треба помош. Минатата година, Американците изгубиле 10,3 милијарди долари поради онлајн криминалот, а кризата само се влошува, па решивме дека треба да воведеме бесплатна поддршка која е лесно достапна за семејствата што е можно поскоро“ – посочува Хари Равичандран, основач и извршен директор на Aura.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Arnold Worldwide.