Конзорциум од стратешки и финансиски инвеститори наводно испратил понуда до британската медиска компанија Ascential, сопственици на Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions, во обид да го преземат нивниот оддел за организација на настани.
Според првичната објава на Sky News, заинтересираниот конзорциум наводно го сочинуваат компанијата за организација на настани Hyve Group, консултантската компанија за маркетинг и медиуми MediaLink (дел од United Talent Agency), како и трета неименувана страна од финансискиот сектор. Конзорциумот е наводно советуван од страна на инвестициската банка LionTree Advisors.
Понудата од конзорциумот до Ascential била испратена во изминатите неколку недели, но деталите и условите на предложениот договор не се објавени. Вклучените страни одбиле да коментираат во однос на изнесените наводи за испратената понуда.
Британската медиска компанија Ascential го поседува најголемиот креативен фестивал во светот Cannes Lions, компанијата за маркетинг истражувања WARC, како и финансиската конференција Money 20/20. Според наводите на Sky News, доколку понудата биде прифатена, организацијата на фестивалот Cannes Lions и операциите на WARC би биле преземени од страна на MediaLink, додека пак конференцијата Money 20/20 ќе оди во рацете на Hyve Group.
Понудата доаѓа во услови кога Ascential соопшти значително зголемување на нивните приходи во првата половина на годината во однос на истиот период лани, главно благодарение на растот забележан од нивните настани.