Британците го сакаат Божиќ, а британските огласувачи уште повеќе. Но, првата Божиќна кампања лансирана на британскиот пазар за оваа година доаѓа од националната добротворна организација за справување со бездомништвото, Crisis.
Кампањата има за цел да го промени типичниот наратив кој доминира во однос на проблемот со бездомништвото, покажувајќи оптимизам дека е остварлив подобар живот со кров над главата. Организацијата ја позиционира кампањата во празничниот божиќен период како време кога нечија приказна навистина може да се промени – почеток на живот надвор од бездомништвото.
За да го постигне ова, креативната агенција Good Agency се одлучила да соработува со три лица на кои добротворната организација вистински им помогнала – Мишел, Дејвид и Салеха, со цел да создаде целосно автентична кампања, раскажана од прво лице, која ќе резонира со јавноста.
Целта на кампањата е да собере 21 милион фунти во донации кои ќе се користат за справувањето со бездомништвото во текот на целата година, а не само на Божиќ.