Швјцарскиот производител на луксузни часовници Rolex се навраќа на историјата и ја реинтерпретира на модерен и освежувачки начин со новиот часовник Perpetual 1908.
Овој часовник не само што оддава почит на 1908 година, кога основачот Ханс Вилсдорф за прв пат го вовел сегашното име на брендот, туку означува и значајна пресвртница во историјата на Rolex. Тоа е првото ново име во семејството на Rolex по моделот Sky-Dweller од 2012 година. Всушност, Perpetual 1908 е дебитантскиот часовник во целосно новата колекција на Rolex која ќе биде позната под името „Perpetual“ („Вечно“/„Постојано“).
Се работи за отмен часовник кој е замислен да се комбинира со костим. Тој се карактеризира со тенко куќиште од 39 милиметри, изработени во жолто или бело злато од 18 карати. Неговата горна страна е покриена со тенка купола од сафирен кристал, додека пак задната страна на куќиштето е исто така транспарентна со цел да се гледа работата на внатрешниот механизам. Прстенот кој го заокружува куќиштето е „назабен“ со радијално распоредени рецки.
Дисплејот е достапен во интензивна бела или црна боја. Притоа, бројчаникот вклучува арапски бројки за 3, 9 и 12 часот, додека пак останатите часови и минути се обележани со соодветни подолги или пократки линии. Кај 6 часот се наоѓа помал бројчаник со натписот: „Superlative Chronometer“. Стрелките за часови и минути, изведени од злато, имаат различна форма.
Часовникот е напојуван од автоматскиот механизам Caliber 7140 – нов самонавивачки механимзам целосно развиен и произведен од Rolex за врвна прецизност, резерва на моќност, практичност и доверливост. Механизмот се одликува со енергетска ефикасност и отпорност на магнетни полиња, обезбедува регуларност во која било положба, и вклучува амортизери кои ја зголемуваат отпорноста на удар. Часовникот е водоотпорен до 50 метри и нуди резервна енергија од околу 66 часа.
Новиот Perpetual 1908 се прицврстува на рака со ремче од алигаторска кожа, достапно во матирана црна или кафена боја. Токата за прицврстување е изработена од злато.
Часовникот ќе се продава по почетна цена од 22.000 американски долари за верзијата од жолто злато, односно 23.300 американски долари во бело злато. Повеќе информации се достапни на следниот линк.