Маркетинг групацијата WPP отпочнува значителна еволуција во својата понуда спрема клиентите со спојувањето на агенциите Wunderman Thompson и VMLY&R. Комбинираниот ентитет ќе биде познат како VML и ќе биде најголемата креативна компанија во индустријата.
VML обединува две од најнаградуваните креативни агенции во светот, секоја со врвни способности во сферите на корисничкото искуство, трговијата и технологијата. VML ќе биде опремена за поддршка на клиентите во нивната стратегија за креативен развој и во иницијативите за трансформација, а сето тоа подржано со најдобрите податочни операции, технолошки платформи и партнерства со водечки технолошки компании. Исто така, ќе обезбеди исклучителна понуда за компании во областа на здравствената заштита, како и за B2B маркетерите.
Соодветната база на клиенти, функционалната експертиза и географската распространетост значи дека двете агенции одлично ќе се комплементираат, при што комбинираната компанија ќе има повеќе од 30.000 вработени на 64 пазари.
Генерален извршен директор на VML на глобално ниво ќе биде Џон Кук, додека пак Мел Едвардс ќе биде глобална претседателка на обединетата агенција. Менаџерскиот тим ќе ги комбинира најсилните лидери од двете компании, и тоа: Деби Вандевен, глобална генерална креативна директорка; Ерик Кембел, глобален генерален директор за клиенти; Хуан Пабло Хурадо, генерален извршен директор за Латинска Америка; Евен Старџен, генерален извршен директор за Европа, Блискиот Исток и Африка; и Одри Куах и Ји-Чунг Тај, ко-извршни директори за Азиско-пацифичкиот регион.
Wunderman Thompson и VMLY&R досега соработувале на глобално ниво со повеќе клиенти како што се Colgate-Palmolive, Dell, Ford, Microsoft, Nestlé, The Coca-Cola Company и многу повеќе.
Новата VML ќе започне со работа од 1 јануари 2024 година.