Следниот четврток, на 26.10.2023 година со почеток од 20:30 часот, во културниот центар Бруталиск во Скопје ќе биде отворена изложбата „Бутален град“ во авторство на скопската фотографка и кустоска Снежана Алексовска.
Изложени ќе бидат 41 фотографија од бруталистичките и модернистички вертикали од македонските градови, изведени во црно-бела техника. Посетителите ќе можат да ја погледнат поставката и во наредниот месец по отворањето.
„Брутален град“ е прва изложба на фотографии на Снежана Алексовска, која со фотографија се бави од својата младост, а веќе неколку години работи како кустос во НУ спомен куќа на Мајка Тереза и туристички водич. Родена е во 1990 година и е дипломиран археолог.
Таа е двократен победник на конкурсот „фотографија на неделата“ на Нова Македонија и нејзините фотографии „Мир и Слобода“ и „Меѓу Височините и Смогот“ се објавени на цели страници во печатеното издание на весникот во 2022 и 2023 година.