Според националната туристичка организација на Шведска, Visit Sweden, многу луѓе ја мешаат нивната држава со Швајцарија. Всушност, околу 120.000 луѓе секоја година пребаруваат на Google дали двете држави се всушност едно те исто.
За да се стави крај на оваа дилема, Швеѓаните започнаа кампања насловена “Sweden (not Swizerland)”. Кампањата стартуваше со хумористичен видеоспот, снимен во стил на прес-конференција, во која русокоса претставничка на Шведска предлага план до Швајцарците да се договорат за тоа која земја може да зборува на кои теми.
„Ако луѓето се соочуваат со потешкотии да ги разликуваат нашите две земји, ние треба да им помогнеме. Не можеме да ги менуваме имињата на нашите нации, но можеме да станеме поразлични. Шведска нуди луксуз од поинаква природа. Затоа веруваме дека е време да одлучиме кој ќе промовира што и се надеваме дека можеме да постигнеме договор“ – посочува Сузан Андерсон, извршна директорка на Visit Sweden.
„Ние ќе комуницираме нешта како што се брегови од песок, покриви и тишина. Во меѓувреме, Швајцарија ќе се фокусира на банки, планинските врвови и јодлање. Сè уште чекаме официјален одговор, но се надеваме дека Швајцарија е подготвена да преговара со нас за оваа важна работа“ – додава таа.
Го чекаме одговорот на Швајцарците. :)
Новата кампања на Visit Sweden е создадена од страна на креативната агенција Forsman & Bodenfors.