Една од најпознатите минерални води во светот, француската Perrier, одбележува 160 години од влегувањето на британскиот пазар. По повод овој значаен јубилеј, брендот одлучи да лансира специјално издание со амбалажа создадена од познатиот француски индустриски архитект и дизајнер Филип Старк.
Првата одлука која ја донел Старк е дека шишето мора да го задржи својот иконичен облик, воведен уште во далечната 1906 година од страна на британецот Сент Џон Хермсворт. Тој ја добил идејата за шишето на Perrier од индијските кегли за жонглирање, со кои што се занимавал во своето слободно време.
Според брендот, Старк добил целосна слобода да го редизајнира шишето, но тој се одлучил да остане верен на наследството и да не го менува основниот облик, туку да го подобри. Суштинската промена која веднаш ќе ви падне в очи е воведувањето на хоризонтални канелури околу обемот на шишето – од вратот до дното.
„Како дете, секогаш се плашев дека шишето ќе ми се лизне од раце. Го стегав многу цврсто, до тој степен што ме болеше. Ова е причината зошто ја избрав оваа канелирана шема. Шишето се прилепува до мене, јас се прилепувам до шишето: друга форма на игра. И ќе видите, во ова ново шише, меурчињата се апсолутно извонредни“ – ја објаснува својата одлука познатиот француски дизајнер.
Елаборирајќи што мисли под извонредноста на меурчињата, Старк појаснува дека главна инспирација му биле канелираните оптички леќи на францускиот инжинер Августин Фреснел, за прв пат претставени во 1823 година – пред точно 200 години. „Кога ги гледате меурчињата низ канелурите, шишето создава оптичка игра инспирирана од леќата на Фреснел и начинот на кој ја прекршува светлината“ – додава Старк.
„Кога дланката се поврзува со канелурите на стаклото, оваа магична мешавина од песок и оган родена од човечките раце, чувствувате нешто друго. Тоа не е шок, туку емоција: убавина која се граничи со поезијата, нешто доследно и хармонично, нешто чисто, како вода“ – заклучува дизајнерот, осврнувајќи се на емотивната врска што сакал да ја воспостави помеѓу амбалажата и потрошувачите.