Како ќе изгледа иднината на огласувањето дознаваме во 6-та епизода на SoMoCast
Иванка Мабиќ Гагиќ е извршен директор на Httpool by Aleph. Нејзиниот интерес за менаџмент, во комбинација со нејзината креативна ревност, природно ја наведоа да создаде кариера во динамичниот свет на огласувањето. Таа сега го исполнува својот ентузијазам за градење и подобрување на деловните резултати во улогата на извршен директор на официјален претставник на водечките медиски платформи во Хрватска. Во шестата епизода на SoMoCast, Иванка зборува за бизнис моделот на Httpool by Aleph, како и за нејзината перспектива на огласувачката индустрија.
Httpool е дел од Aleph, најголемиот глобален претставник на големи медиски платформи, групација која обединува голем број компании од 130 пазари во Европа, Латинска Америка, Африка и Блискиот Исток и брои околу 1.600 вработени. Httpool by Aleph е партнер и поддржувач на повеќето агенции, брендови и огласувачи во Југоисточна Европа.
„Ние ги претставуваме најголемите медиски платформи на пазарите во развој каде што немаат свои физички канцеларии, како што се X (Twitter), Meta, Snapchat, Spotify, Reddit, Pinterest, Amazon и Microsoft. На клиентите им обезбедуваме поддршка во однос на консалтинг, едукација и секојдневна поддршка на клиентите. Со оглед на тоа дека не сме класична агенција, потребно беше извесно време пазарот да почне да го разбира нашиот бизнис модел, бидејќи на клиентите не им наплаќаме услуги, туку на медиските платформи каде што клиентите се огласуваат“ – објаснува Иванка Мабиќ Гагиќ.
Httpool ги унапредува своите основни активности и со помош на сопствени производи, т.е. сопствена технологија, како што е Aleph Express. Станува збор за технолошка платформа за SMB клиенти, која им помага на помалите клиенти самостојно да управуваат со онлајн бизнисот и огласувањето. Меѓу другото, тука е и технолошката платформа Wise Blue, која е официјален маркетинг партнер на X (Twitter) и чија улога е да ги зајакне маркетерите преку врвни решенија за перформанси на X со цел да се постигнат врвни резултати. Покрај горенаведеното, Aleph купува и стартапи за кои препознава дека ќе ја надградат услугата што им ја нудат на корисниците. Таков е Clever Ads, на пример, технолошка платформа која го автоматизира купувањето на клиентите и инвестициите во огласување на повеќе платформи.
„Кога ќе препознаеме што му треба на пазарот, развиваме или купуваме технологија за да ја зајакнеме нашата основна дејност“ – додава Мабиќ Гагиќ.
Reddit, Snapchat и Метаверзумот како иднина на огласувањето
Иванка го истакнува успехот на Snapchat на хрватскиот пазар, за кого имаше перцепција како социјална мрежа која во Хрватска пополека „умира“. Но, преку AR технологијата, Snap успеа да ја привлече Генерацијата Z и да им обезбеди на корисниците „поимерсивно искуство“ во самиот бренд, што создава поголема свесност за брендот и на крајот доведува до повеќе продажби. Иванка гледа на AR како една од клучните технологии на иднината, заедно со VR и Метаверзумот како иднината на огласувањето.
Имено, иако Метаверзумот не се развива брзо поради забавениот развој на технологијата, Иванка гледа на Метаверзумот како на важен дел од иднината, особено имајќи во предвид дека веќе постојат негови конкретни примени во различни индустрии како превенцијата од пожари, поплави, потоа медицинска дијагностика, воени цели, образование и создавање на нови бизнис модели, заедно со примери од огласувачката индустрија кои веќе им се познати на сите.
„Мислам дека огласувачката парадигма целосно ќе се промени. Со појавата на социјалните мрежи, Интернет 2.0, брендовите постигнаа поголема интеракција помеѓу корисникот и брендот, за разлика од класичното огласување кога брендот му се обраќа на корисникот, а двонасочната комуникација не беше можна. Тоа е таканареченото „раскажување приказни“ каде што брендот ја раскажува својата приказна без можност за интеракција, додека новата ера на огласувањето ќе биде „живеење приказни“. Нема да зборуваме за реклами, туку за корисничко искуство кое ќе понуди интеракција и поврзување што не можевме да ги постигнеме во Интернет 2.0. Метаверзумот е тој што ќе ни овозможи неограничена креативност во создавањето кориснички искуства и врски со корисниците“ – ја објаснува Иванка иднината на огласувањето.
Кога станува збор за агенциите и нивното прилагодување во однос на новиот контекст и развојот на дигиталното огласување, Иванка смета дека многу агенции во Хрватска користат бизнис модел карактеристичен за традиционалното огласување, пред се’ затоа што побарувачката од клиентите не е таква што бара од класичниот модел да се промени. Според нејзиното мислење, внатрешните стартапи би можеле да бидат решение за компаниите кои сакаат да поминат низ дигитална трансформација.
„Тешко е да се промени начинот на размислување на постоечките системи, додека малите, флексибилни тимови во рамките на организациите можат да поттикнат иновации кои ќе го подобрат нивниот бизнис“ – објаснува таа.
На крајот, Иванка ја истакна важноста од инвестирање не само во технологијата, туку и во сопствениот развој, како и во развојот на свеста и знаењето на тимовите во организацијата. Ова е од клучно значење за одржување на конкурентноста и успехот во брзо променливиот сектор на дигиталното огласување.
Сите новости за SoMo Borac можат да се следат преку нивниот официјален newsletter, на нивната веб-страница, како и на социјалните мрежи Facebook, Instagram и LinkedIn, Поткастот SoMoCast се реализира во соработка со стриминг платформата VOYO, а може да се гледа на следните канали: YouTube, Spotify, Deezer, Apple Podcasts и Google Podcasts.