Според рангирањето кое што го прави угледниот хрватски бизнис магазин „Медиа Дејли“, српската телекомуникациска компанија Телеком Србија, која во Македонија е присутна со својата фирма-ќерка МТЕЛ, според своите приходи и успешност втора година по ред ја обезбеди титулата „најголема и најуспешна компанија за телекомуникации“ во сите земји од поранешна Југославија.
„Потврдено е дека сме убедливо најголема и најуспешна компанија за телекомуникации во сите земји од поранешна Југославија, втора година по ред. Дури ја зголемивме разликата во однос на второпласираниот Хрватски телеком за повеќе од 200 милиони евра приходи, што во минатото речиси беше незамисливо. Во претходните пет години успеавме да ги зголемиме приходите за цели 50 отсто, тоа за нашата индустрија е огромен резултат. Сето ова покажува колку е успешна трансформацијата на Телеком Србија, на која што работиме од 2018 година“, изјави неодамна генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ.
Компанијата во изминатите години успешно се промовираше во оператор кој што целиот регион го повлекува напред кон сеопфатна дигитална трансформација.
Во овој момент компанијата пружа услуги кон речиси 11 милиони корисници на седум телекомуникациски пазари – Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Австрија и Швајцарија, Германија.
Плановите на Телеком Србија, согласно изјавите на менаџментот, и за во иднина се особено амбициозни со намера да се прошири делувањето и во други земји во Европа, но и во САД.