Минатата недела се појави веста дека технолошките гиганти Meta и Amazon договориле соработка во сферата на „социјалната трговија“ , која ќе им овозможи на корисниците на Meta да ги поврзат своите социјални профили на Фејсбук и Инстаграм директно со платформата за онлајн трговија на Amazon.
Преку поврзување на нивните профили, корисниците ќе можат да купуваат производи директно преку рекламите кои се појавуваат во „фидот“ на нивните социјални мрежи, односно да купуваат на Amazon без воопшто да ги напуштат апликациите на Meta. Исклучувајќи ги сите посредници, еднократното поврзување на двете платформи ќе го поедностави процесот на онлајн купување за корисниците на Meta.
Дополнително, се очекува партнерството да обезбеди вредни податоци за подобро таргетирање и оптимизација на рекламите, во корист на огласувачите.
Со овој стратешки потег, Meta и Amazon се подготвени да отклучат нови текови на приходи и да го преобликуваат пејзажот на онлајн трговијата.
Новата функција моментално е достапна само за корисниците во САД, но се очекува да се прошири и на други пазари во иднина.