Канадскиот авиопревозник Air Canada ја објави својата нова Божиќна реклама насловена “Once Upon A Tree” („Еднаш на едно дрво“).
Се работи за анимиран спот кој ја раскажува приказната за два Божиќни украси во форма на човеколики мечки, кои што биле складирани заедно во текот на целата година. Но, кога дошло време за китење на семејната елка, двете мечиња се нашле на различни краеви од дрвото.
Вознемирени од помислата да ги поминат празниците одвоено, тие прават низа херојски напори со цел повторно да бидат заедно. Меѓутоа, нивните обиди се неуспешни, додека не се појави авионче на Air Canada со помош на кое двете дрвени мечиња, во драматичен скок на надежта, повторно се обединуваат во топла прегратка.
Спотот всушност претставува алегорија за тоа како авиопревозникот им овозможува на голем број луѓе од различни краеви на Земјата повторно да се здружат за време на празниците.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција FCB Canada и продукциското студио Hornet.