Генералниот извршен директор на Warner Bros. Discovery, Дејвид Заслав, и неговиот колега Роберт Бакиш од Paramount Global се состанале минатата недела во канцелариите на Paramount во Њујорк за да разговараат за можен договор за спојување, пишува Financial Times.
Тие најверојатно разговарале за можните начини на кои двете компании би можеле да се надополнуваат со цел да постигнат конкурентска предност. Разговорите сè уште се во прелиминарна фаза и може воопшто да не дојде до договор.
Разговорите доаѓаат во време кога двата американски медиумски гиганти се борат да ја подобрат својата профитабилност наспроти скапата конкуренција со други стриминг платформи како оние на Netflix, Amazon и Disney.
Па така, се шпекулира дека е можно спојување на нивните засебни стриминг платформи во една заедничка. Во моментов, платформата Max на Warner Bros има околу 95 милиони претплатници, а онаа на Paramount – 63 милиони. Актуелен лидер на пазарот е Netflix со 247 милиони претплатници, додека на второ место е Disney+ со 146 милиони претплатници.
Исто така, наводно се разговарало за спојување на информативните телевизии CNN и CBS News.
Останува да видиме како ќе се развиваат прегоровите и доколку се постигне некаков договор – дали тој ќе ја помине американската регулатива.