Со почетокот на новата 2024 година, Google престана да ги следи „колачињата“ на 1% од глобалните корисници на прелистувачот Chrome.
Таканаречените „колачиња“ се дигитални траги што секој корисник ги остава на веб-страниците што ги посетува. Овие информации се вредни за огласувачите и агенциите бидејќи им овозможуваат да понудат производ или услуга на корисник кој веќе има регистрирано интерес. Но, со зголемената грижа кај корисниците за нивната интернет приватност и заштитата на личните податоци, предвидено е ограничување или целосно укинување на собирањето „колачиња“.
Најкористениот светски прелистувач Google Chrome се одлучи за отстранување на колачињата, најавувајќи го тој потфат уште пред четири години, кој што требаше да трае две години. Меѓутоа, таквата одлука наиде на силен отпор од претставниците на огласувачите индустрија и издавачите, кои од Google побараа да понуди соодветна алтернатива и да го одложи процесот.
Па така, како дел од инцијативата “Privacy Sandbox”, која вклучува голем број алатки чија цел е да го направат сурфањето на интернет побезбедно и поприватно, Google ја претстави функцијата “Ad Topics” која корисниците ќе ги групира според интереси. На тој начин, огласувачите нема да таргетираат поединци, туку групи на корисници. Притоа, ова ќе се остварува исклучиво преку податоците што се зачувани на уредите на корисниците, без трети лица да имаат пристап до нив.
Процесот на заменување на „колачињата“ конечно почна со 2024 година, а треба да ги опфати сите корисници на Google Chrome до четвртиот квартал на годината. Штом некој корисник ќе биде опфатен со промената, ќе добие соодветно известување кога ќе го отвори Chrome на десктоп или на уреди со оперативниот систем Android.