Неодамна, американскиот дневен весник The New York Times поднесе тужба против софтверската компанија OpenAI за наводно кршење на законот за авторски права со цел обука на нивниот модел со вештачка интелигенција ChatGPT. За да ги поткрепи своите обвинувања, весникот приложи одговори од ChatGPT кои се сосем слични на извадоци од нивни претходно објавени статии.
Сега, софтверската компанија објави јавен демант на обвинувањата, оценувајќи ги како „неосновани“. OpenAI вели дека дневниот весник „не ја кажува целосната вистина“ и дека „намерно ги манипулирал“ прашањата поставени до ChatGPT за тој да генерира одговори кои се слични на нивните статии.
Компанијата поддржана од Microsoft нагласува дека случаите на дословно репродуцирање се ретки и се резултат на грешка во процесот на учење на јазичниот модел, инсистирајќи дека има иплементирано мерки за да спречи такво „ненамерно меморирање“.
„Очекуваме и нашите корисници да се однесуваат одговорно; Намерното манипулирање со нашите модели за да возврати содржини не претставува соодветна употреба на нашата технологија и е против нашите услови за користење“ – предупредуваат од OpenAI во својот демант.
Софтверската компанија исто така за „неосновани“ ги смета обвинувањата од New York Times за загрозување на нивниот деловен модел. OpenAI открива дека до 19 декември 2023 година воделе разговори со весникот за потенцијално партнерство, а тужбата на 27 декември дошла како големо изненадување.
Компанијата за вештачка интелигенција изразува разочарување, но стои на својот став дека користењето јавно достапни интернет материјали за обука на својот модел, вклучително и текстови од New York Times, претставува нивна правична употреба, што диктира дека делата заштитени со авторски права може да се користат за создавање секундарни дела, под услов употребата да биде трансформативна.
Исходот од оваа правна битка може да има значајно влијание врз натамошнио развој на генераторите со вештачка интелигенција и односот на медиумите кон новата технологија.