Годинава по втор пат ќе се одржи БЕАМ Фестивалот кој ги наградува најдобрите и најуспешни настани одржани во 2023 година и веќе е отворена можноста за пријавување. БЕАМ Фестивалот (Best of event awards Macedonia) е на иницијатива и во организација на Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП а произлезе како потреба за мапирање на индустријата и валоризирање на работата на професионалците.
Сите кои организирале настан во 2023 година имаат можност да се пријават во некоја од 15-те категории, а апликациите ќе ги оценува жири комисија составена од искусни и докажани професионалци во различни сектори од креативните индустрии.
„БЕАМ Фестивалот е место за валоризација на работата на професионалците во нашата индустрија. Неопходна ни е ваква платформа каде ќе можеме да согледаме до каде сме, што работиме и дали и колку нашата работа е квалитетна. Очекуваме Фестивалот да биде поттик за подигнување на стандардите и развој на индустријата за организација на настани“ – велат организаторите.
Инаку, минатата година се одржа првото издание и беа пријавени 63 настани во 14 категории. Наградите беа доделени на свечена церемонија во присуство на голем број на професионалци од индустријата. Ваквите настани се можност а запознавање, вмрежување и развој на идни соработки.
За да учествува, секоја компанија треба да го пријави својот настан со пополнување на апликација која може да се најде на интернет страната на БЕАМ – www.beamfestival.mk. Пријавувањето трае до 19 февруари 2024 година. На страницата се објавени и членовите на жири комисијата и сите останати информации потребни за аплицирање.
„Исто како и лани, очекуваме голем број на пријави во сите категории, 2023 година беше навистина плодна, со многу настани, па затоа ги охрабруваме колегите да ги пријават своите дела. Создадовме систем на работа кој гарантира непристрасно и објективно оценување, целосно сме транспарентни во правилата и критериумите и заради тоа очекуваме да победат најдобрите“ – изјавија од БЕАМ.
Доделувањето на наградите ќе биде на свечена гала церемонија на почетокот на месец март.