Телевизијата Клан Македонија се продаде и веќе има нови сопственици, а промената во Централниот регистар треба да се официјализира до крајот на неделава – пишува порталот 4NEWS.mk.
Новите сопственици на телевизијата се од Косово, односно познатата Клан Косово која отсега ќе биде сопственик и на Клан Македонија. Досега, пак, сопственик на македонската Клан беше Клан Албанија, во сопственост на бизнисменот Александар Франгај.
Според 4NEWS.mk, нов менаџер во Скопје ќе биде Фатон Шоши кој истовремено е сопственик на порталот Индекс онлајн. Телевизијата ќе ја промени и локацијата од каде што емитува програма. Па така, наместо во скопски Сарај, нова локација на телевизијата ќе биде студио на Томато продукција односно местото каде порано беше сместена 1ТВ.
Телевизијата емитува вести, популарни ток-шоуа, документарни, спортски и забавни емисии преку кабелски оператор, на албански и македонски јазик. Групацијата Клан влезе на македонскиот медиумски пазар во 2018 година кога ја купи локалната телевизиска станица ТВ Арт.