Најавата на еден од најголемите интелектуалци на денешницата Ден Арели и водечкиот креативен директор во Азија, Јуџин Чеонг, го стави овој популарен фестивал на листата на настани што мора да ги посетите
Организаторите на фестивалот Денови на комуникациите ги објавија првите големи имиња од исклучителната програма по која со години се истакнува овој фестивал – светски познатиот бихејвиорален економист, психолог и научник кој се занимава со човековото однесување, Ден Арели, и креативниот бунтовник од Азија со повеќе од илјада награди за неговите дела, Јуџин Чеонг.
„Ако немате ништо вредно, охрабрувачко, убаво, внимателно, поучно, смешно, забавно, корисно, провокативно, инспиративно, шокантно или едноставно неверојатно да кажете, тогаш ве молиме направете ни услуга на сите и молчете“ – има изјавено наградуваниот маркетер Јуџин Чеонг за креативноста и комуникациите и на тој начин, без да го знае тоа, ја има објаснето суштината на Денови на комуникациите – фестивалот на креативноста и пазарните комуникации што ќе се врати во Ровињ оваа пролет од 11 до 14 април 2024 година.
Еден од водечките светски експерти за бихејвиорална економија, трикратен автор на бестселери на New York Times, научник од Универзитетот Duke, еден од омилените предавачи на TED кој инспирирал речиси 30 милиони гледачи и коавтор на успешен документарен филм за (не)искреноста, Ден Арели тврди дека сме далеку помалку рационални од она што го тврдат досегашните теории. Неговите често неочекувани експерименти се доследно интересни, интригантни и важни за општеството, поради што Bloomberg го вклучи во изборот на 50 најоригинални мислители во светот, а неговиот талент е проучување на однесувањето за кое верува дека не е случајно и необично, туку систематско и предвидливо, што нѐ прави предвидливо ирационални.
„Да беа научниците рок ѕвезди, Арели сигурно ќе беше меѓу најпопуларните. Тој со години се занимава со исклучително интересни и интригантни ставови, како на пример до кој степен ние како луѓе сме совршено рационално-ирационални и предвидливо-непредвидливи, а на претстојните Денови на комуникациите ќе се задлабочиме во нив, бидејќи токму овие прашања ќе бидат проткаени низ содржината на нашиот омилен типично-нетипичен фестивал“ – посочи Дуња Ивана Балон, долгогодишна директорка на фестивалската програмата за Денови на комуникациите, на HURA и на IAB Croatia, додавајќи: „Денес го објавивме доаѓањето на еден од најголемите живи мислители во светот, кој е глобален авторитет во областа на бихејвиористичката економија и еден од најдобрите креативци во светот, но ова се само првите двајца од низата големи и интересни имиња со кои ќе поминеме неколку пролетни денови во април во Ровињ на Денови на комуникациите“.
Предавањата што ќе ги одржат овогодинешните говорници, а чие доаѓање, како што вели Балон, е потврдено од сите страни на светот, ќе го покажат токму она што од сите страни на светот нѐ плаши – дека светот околу нас не е едноставен и дека денес веќе не можеме да кажеме дека е нешто црно-бело. Идејата на Денови на комуникациите е да покажат дека помеѓу сите крајности, дури и љубовта и омразата, има цела низа емоции, поради што овој фестивал нѐ учи дека ништо не може, особено не комуникациската индустрија, да се стави во стереотипни калапи. Омразата е силен збор и малкумина можат да застанат зад него, но Јуџин Чеонг – човек чија кариера опфаќа 30 плодни години работа во креативниот сектор и брои купови на Кански лавови и повеќе од илјадници признанија за неговата работа – без двоумење ќе го отвори разговорот со вас со реченицата дека го мрази адвертајзингот. Организаторите велат дека веднаш се заљубиле. Зошто? Затоа што има оправдано големи очекувања од професијата.
Освен што има освоено бројни Кански Лавови и професионални награди, Јуџин Чеонг е наречен од поранешниот потпретседател и генерален креативен директор на Ogilvy Worldwide како најбрилијантниот комуникатор во Ogilvy, уште од самиот Дејвид Огилви. Денови на комуникациите го најавуваат неговото непропустливо предавање наречено “Ten Things” („Десет работи“) – креативно наследство кое ќе понуди уникатни мисли и согледувања кои се резултат на неговото животно искуство во креативните комуникации. „Нашата работа е да ги охрабриме луѓето да почувствуваат нешто. Нашата работа е да ги натераме луѓето да се грижат за нешто. Нашата работа е да направиме нешто за луѓето, а ни случајно да очекуваме тие да направат нешто за нас“ – дециден е Чеонг, кој е еден од основачите на Asian Creative Revolution и важно лице на Ogilvy веќе многу години.
„Извонредните креативци, вклучувајќи го и Чеонг, ни ја покажуваат насоката кон која треба да се стремиме како заедница на комуникатори и креативци: работа со луѓе и за луѓе. Токму затоа енергијата на заедништво и заедничко учење што ја доживуваме на Денови на комуникациите е од огромно значење за сите нас“ – истакнува Јелена Фишкуш, претседателка на Управниот одбор на HURA и член на Организацискиот одбор на фестивалот, истовремено откривајќи дека по ова прво објавување на големи фестивалски имиња, ќе следуваат неделни најави за одлични предавачи кои ќе настапат на главната сцена на Денови на комуникациите.
Пријавувањето на учество може да се изврши на официјалната веб-страница на фестивалот, каде што се достапни сите информации за котизацијата, но и за сместување во луксузните хотели Lone, Monte Mulini и Grand Park Hotel во волшебниот Ровињ – една од најубавите европски дестинации.