Нецели три недели нѐ делат од најгледаниот спортски настан во САД и еден од најзначајните настани за американските огласувачи – популарниот Super Bowl, финалето на сезоната во американскиот фудбал.
Овогодишното издание на Super Bowl, веќе 57-мо по ред, ќе се одржи на 11 февруари во Лас Вегас, Невада. За место во финалето се борат екипите на Baltimore Ravens, Kansas City Chiefs, San Francisco 49ers и Detroit Lions, кои што моментално играат плеј-оф.
Што се однесува до медиумската страна на натпреварот, тој ќе се емитува на телевизијата CBS и стриминг сервисот Paramount+. За прв пат, овогодишниот Super Bowl ќе има и алтернативен телевизиски пренос на детскиот канал Nickelodeon. Правата за пренос на шпански јазик ги доби телвизијата Univision.
Уште во ноември минатата година, беше откриено дека целиот рекламен простор за 57. Super Bowl е распродаден по цена од 7 милиони долари за рекламен спот од 30 секунди. Односно, цената останува иста како и за претходното издание на спортскиот спектакл, кое што го проследиле дури 115 милиони гледачи. Токму оваа неверојатна гледаност го прави овој настан да биде исклучително важен за најголемите огласувачи во САД.
Спонзор на полувременското шоу, втора година по ред, ќе биде Apple Music, а на сцената ќе се појави популарниот R&B изведувач Ашер.