Burger King од Бразил започна иницијатива со своите фанови за преименување на островот Мекдоналд – мал вулкански остров сместен помеѓу Мадагаскар, Австралија и Антарктикот (координати: 53º04’35.69”S 73º30’49.18”E).
Според брендот за брза храна, кој сака да се фали со фактот дека нивните плескавици се печат на вистински оган, овој огнен вулкански остров треба да го носи името на нивниот познат хамбургер Whopper, а не на нивниот најголем конкурент McDonald’s (иако островот всушност го носи името на неговиот откривач Вилијам Мекдоналд, кој првпат стапнал на него во далечната 1854 година).
Во кампањата, Burger King ги поканува фановите да учествуваат во преименување на островот на Google Maps, така што ќе го најдат на картата и ќе впишат коментар со хаштагот #IlhaWhopper. Оние кои ќе го сторат тоа имаат шанса да добијат купон за попуст.
Со цел промоција на иницијативата беше објавен и краток филм во хумористичен документарен стил, во кој се прикажува специјална достава на хамбургери Whopper до чуварите на островот – единствените овластени луѓе кои смеат да присуствуваат таму со цел да не се наруши локалниот екосистем.
„Ако некој заслужува топла плескавица на жар, тоа е овој тим што толку добро се грижи за нашите вулкани“ – се пошегува Џулијана Кири, генерална маркетинг директорка на Burger King во Бразил.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција DM9.