Британската маркетинг групација WPP го најави спојувањето на своите две најголеми комуникациски и ПР агенции, Hill & Knowlton и BCW, со што ќе се формира нова агенција под името Burson која ќе има 6,000 вработени на 43 пазари ширум светот.
Кори ДуБрова, моментално глобален извршен директор на BCW, ќе биде глобален извршен директор на Burson, додека пак Ана Марија ДеСалва, моментално глобална претседателка и извршна директорка на Hill & Knowlton, ќе ја извршува функцијата глобална претседателка на Burson. Заедно, тие ќе ја надгледуваат стратегијата на агенцијата, услугите за клиентите, искуството на вработените и воопшто компаниската култура. Новата супер-агенција Burson ќе започне со оперативна работа од 1 јули 2024 година, а нејзиниот нов бренд ќе биде претставен подоцна оваа година.
Овој спој на агенции ќе му овозможи на Burson најдобро да им служи на клиентите во сложената и нестабилна средина на денешницата, во која стратешките комуникации со засегнатите страни никогаш не биле покритични. Новата агенција ќе се базира на врвната база на таленти на двете организации, исклучителни глобални мрежи, инвестиции во технологија, креативни способности и специјализираност за односи со јавноста и советување, сè со цел негување на углед и создавање вредност за клиентите преку интердисциплинарни решенија.
Новата агенција ќе стартува со бројни престижни клиенти, вклучувајќи повеќе од половина од имињата на листата Fortune 100 во сферата на корпоративните и јавните работи, здравството, технологијата и маркетингот.
Инаку, името на новата агенција му оддава чест на покојниот Харолд Бурсон, еден од пионерите и основачите на современите односи со јавноста и стратешките комуникации.