Американскиот бренд на кафе STōK Cold Brew, познат како спонзор на велшкиот фудбалски тим Врексам АФЦ во сопственост на Рајан Рејнолдс и Роб Мекелхени, реши да ја предизвика американската фудбалска култура со промоција на европската фудбалска култура за време на Супер Боул.
Во рекламата која ќе се емитува за време на најзначајниот натпревар во американскиот фудбал, главната улога ја толкува холивудскиот актер од велшко потекло Ентони Хопкинс. Во спотот се запознаваме со мотивационата рутина на Хопкинс со која се подготвува за своите големи улоги, што во овој случај значи да биде маскотата-змеј на фудбалскиот клуб Врексам. :)
„STōK не се плаши да прави храбри потези и да ги предизвикува нормите на традиционалниот маркетинг. Партнерството со Сер Ентони Хопкинс за да го пренесе Врексам АФЦ на најголемата сцена во [американскиот] фудбал е токму таков храбар чин што фановите го очекувааат од STōK“ – истакнува претставничката на STōK Cold Brew и матичната компанија Danone, Бритни Полка.
Кампањата е создадена како соработка помеѓу креативната агенција на Рајан Рејнолдс, Maximum Effort, и внатрешниот креативен тим на Danone, Harvest Creative.