Социјалната мрежа X, претходно позната како Твитер, започна со имплементацијата на аудио и видео повици за сите корисници, вклучително и оние кои ја користат бесплатната верзија на апликацијата.
Функцијата беше првично лансирана уште минатата година, но само за претплатниците кои ја користат апликацијата преку уредите на Apple. На стартот на годинава, пак, функцијата беше проширена и на претплатниците кои користат Android уреди.
Тогаш, сопственикот на компанијата, Илон Маск, најави дека аудио и видео повиците ќе станат достапни за сите кога социјалната мрежа ќе биде самоуверена во својата „робустност“ т.е. способност да ја издржи таквата имплементација.
Воведувањето на оваа функција за сите корисниците ќе биде постепен процес, со ажурирање на апликацијата. Според X, корисниците ќе имаат можност да одлучат од кого ќе дозволуваат аудио и видео повици – од сите корисници, од верифицирани корисници, од луѓе што ги следат или само од луѓе во нивниот именик.
Притоа, за да се оствари аудио или видео повик, двете страни претходно ќе мора да имаат разменето барем една порака во „директни пораки“ – сè со цел да се спречат несакани повици од непознати луѓе.