На својот 45. Светски конгрес што се одржа во Малезија, Меѓународната огласувачка асоцијација (IAA) ѝ додели престижна награда на Јелена Ивановиќ, извршна директорка на српската канцеларија на Меѓународната огласувачка асоцијација (IAA Serbia). Се работи за наградата IAA Compass Awards во категоријата „IAA Executive Director Award“.
Со оваа награда се оддава почит и признание за посветеноста и постигнатите резултати, како и за исклучителниот придонес во постигнувањето на глобалните и локалните цели на Меѓународната огласувачка асоцијација. За прв пат во овој милениум, наградата на IAA пристигна во Србија.
Членовите на жирито, инаку регионални претставници на Меѓународната огласувачка асоцијација, темелно ги оценија номинациите за престижните награди, земајќи ја предвид посветеноста и ангажираноста на победниците во постигнувањето на целите на организацијата.
На свечената церемонија, на која присуствуваа над илјада делегати од целиот свет, вкупно 6 награди во различни категории беа врачени од глобалниот претседател на IAA, Сасан Саеиди, кој изјави: „Им честитам на добитниците на овие престижни награди. Направивте голема работа, како за вашите канцеларии, така и за глобалната мрежа. Меѓународната огласувачка асоцијација е она што е благодарение на вас и вашата работа. Глобалната мрежа е благодарна за сè што правите“.
Во оваа прилика, Јелена Ивановиќ, добитничка на наградата IAA Compass и извршен директор на IAA Serbia, истакна: „Моето име е напишано на трофејот, но наградата им припаѓа на сите членови на IAA Serbia. Суштината на асоцијациите е единство, собирање луѓе и работа за постигнување заеднички цели. Драго ми е што глобалната IAA ги препозна нашите напори кои секојдневно ги вложуваме во развојот на маркетинг професијата во Србија. Благодарам за тоа!”
Наградите IAA Compass се создадени со цел да се истакнат поединци и здруженија кои покажале несомнени резултати во промовирањето на маркетинг професијата, односно со сопствен пример ја инспирирале ѝ служеле на професијата со својата визија, енергија и посветена работа.